„Чудото од дете“ доминира во пикадо – ја одбрани светската титула и го наполни џебот!

Британското „чудо од дете“, Лук Литлер, кој има само 18 години, ја одбрани светската титула во пикадо, откако во синоќешното финале на Светско првенство убедливо го совлада Холанѓанецот Џан ван Вин со 7-1 во сетови.

Иако Ван Вин храбро го отвори мечот и го освои првиот сет, тоа практично беше сè што успеа да направи. Потоа следеше целосна доминација на тинејџерската сензација Литлер, кој освои 21 од следните 24 „гема“ и без поголеми проблеми го приведе финалето кон крај. Статистиката дополнително ја потврдува надмоќта на англискиот ас. Литлер натпреварот го заврши со просек од 106,02 поени по фрлање, при што само во последниот сет падна под границата од 100. Од друга страна, Ван Вин имаше солиден просек од 99,94, но тоа не беше доволно за да ја загрози победата на противникот.

Со одбраната на светската титула, Литлер заработи еден милион фунти – највисоката награда досега исплатена на победник на СП во пикадо. Во изминатите две години тој инкасираше повеќе од 2,7 милиони фунти, што е двојно повеќе од неговиот најблизок конкурент Лук Хамфрис. Тој со овој трофеј влезе во одбрано друштво и стана само четвртиот играч во историјата кој успеал да ја одбрани титулата светски првак во организација на ПДЦ.