Во Тетово отворено младинското Балканско првенство во одбојка на песок!

Спортот не познава граници, туку создава мостови, пријателства и отвора нови можности за соработка, истакна министерот за спорт Борко Ристовски на вчерашното свечено отворање на Балканскиот шампионат во одбојка на песок за играчи под 22 години ( 25-27 јуни) што се одржува на отворен терен на градскиот плоштад во Тетово.

На свеченото отворањето на овој голем спортски настан присуствуваа: министерот за спорт Борко Ристовски, заменичката на министерот за спорт, Сафиjе Садики Шаини, првиот заменик на Владата и министер за животна средина и просторно планирање, Изет Меџити, градоначалникот на Тетово, Биљал Касами како и претседателот на Одбојкарската федерација на Македонија, Петар Јовановски.

„Во наредните неколку дена, Тетово ќе биде центарот на балканската одбојка на песок. Ќе имаме можност да уживаме во настапите на врвни млади спортисти – 8 машки и 7 женски селекции од Македонија, Албанија, Косово, Романија, Молдавија и Турција. Ова е уште една потврда дека спортот не познава граници, туку создава мостови, пријателства и отвора нови можности за соработка. Министерството за спорт со гордост ја поддржува организацијата на вакви натпреварувања, кои не само што го поттикнуваат развојот на младите таленти и спортскиот туризам, туку носат и нова енергија во локалните заедници – истакна министерот Ристовски.

Македонија веќе традиционално е организатор на овие летни турнири во одбојка на песок за помлади категории на играчи. На Балканскиот шампионат за одбојкар(к)и до 22 години во Тетово ќе настапат осум селекции во машка и седум во женска конкуренција од шест земји учеснички – Македонија, Албанија, Косово, Романија, Молдавија и Турција. По две екипи во машка конкуренција ќе имаат Молдавија и Турција, која ќе настапи со две екипи и во жанска конкуренција. Овој Балкански шампионат во одбојка на песок се одржува со поддршка од Министерството за спорт, во организација на Одбојкарската федерација на Македонија во соработка со Општина Тетово и е едно од најголемите спортски збиднувања во овој период од годината.

Регионалниот собир на најдобрите млади одбојкари на песок претставува и вистинска спортска атракција за граѓаните на Тетово, но и за сите вљубеници во одбојката бидејќи градскиот плоштад во Тетово е претворен во терен за одбојка на песок. Министерството за спорт останува посветено на создавање нови спортски можности за младите низ целата држава и за зацврстување на соработката со локалните заедници.