Турците загубија уште една причина да ѝ помогнат на Македонија!

Репрезентативците на Турција од попладнево имаат мотив помалку во натпреварот со Финска (20.30), кој директно ја одредува судбината на Македонија на Европското првенство во одбојка.

Причина за тоа е не толку убедливата победа на Русија против Словенија, во дуелот на двете најдобри селекции во нашата група Ц. Русите победија со 3-0 и ја оставија Словенија на втората позиција, меѓутоа разликата во поени по сетови не беше спектакуларно висока, за да може да го оштетат контото на Словенците и со тоа да им ги доближат на Турците.

Словенците загубија со 21-25, 21-25, 21-25, што ќе рече на досегашниот биланс на освоени и примени поени во групата, кој изнесуваше 356-301 минусираа само 12 поени. Турците со победа од 3-0 над Финска вечерва би дошле до идентични три победи, 9 бода и скор 10-7 во сетови, како и Словенците, па за да падне одлука кој ќе биде второ место ќе се активира правилото за подобар поен-количник, а Турција таму е драстично послаба од Словенија.

Во мечот со Финска таа ќе влезе со 308 освоени и 325 примени поени, така што им требаше многу поголема негатива на Словенците, за и тие да се надеваат на некаков логичен висок триумф над Финска. Вака, дури и да ги освојат сите три сета со по 25-5 (што е апсурдно), повторно не би можеле до второ место.

Сето ова го образложуваме затоа што, потсетуваме, на Македонија потребна ѝ е победа на Турција за да опстане на Европското првенство и да продолжи во осминафинале. Но, во ситуацијава, Турците немаат многу мотиви да играат со Финска, па и со пораз од 2-3 ќе останат таму каде што се, на третата позиција.

Сега веќе е сигурно дека Русија е прва во групата со максимален ефект, Словенија е втора, а Турција со една рака ја има третата.