Дали е можно Македонија да биде жртва на местенка?!

Македонските одбојкари го одиграа своето и сега очекуваат законите на ферплејот да проработат, па нашиот сон за пласман во осминафиналето да стане реалност. Потребно ни е Турција да ја совлада Финска во нивниот меѓусебен меч, утревечер од 20.30. Секој друг епилог ќе биде погубен за Македонија.

Црвот на сомнежот влезе уште пред да почне новиот ден: што ако овој натпревар не резултира по природен тек, ами онака како што одговара на некој друг?

Проблемот го гледаме во положбата на Турција на табелата, во моментов. Таа е трета, со две победи и шест бода, колку што има и Македонија, но со многу поповолен однос на загубени и добиени сетови. Всушност, таа е во толку удобна позиција, што може да си дозволи утревечер да загуби од Финска со 2-3 и повторно да биде третопласирана. Во таква хипотетичка ситуација Турците би добиле еден бод за минималниот пораз, па со вкупно седум во старт би биле подобри од Македонија и Финска кои ќе застанат на по две победи и по шест бода.

Тогаш би решавал сет-количникот, кој би гласел Финска 9-12, Македонија 7-11 (или соодветниот количник ако ги поделите)?! Тоа значи дека ем Турците без многу мака би останале на посакуваната позиција, ем Финска би ја потиснала Македонија од четвртата позиција. Со други зборови, двете селекции кои последни играат меѓу себе се наоѓаат во ситуација „и волкот сит и овците на број“.

Ако е воопшто можно на едно натпреварување на Европската одбојкарска конфедерација од највисок ранг да се случуваат такви работи, тогаш зборот „срам“ нема ни да почне да ја опише таа хипотетичка ситуација. Туците покажаа дека се поквалитетна и постабилна селекција од Финска, а згора и дојдоа на првенството со подобри препораки од подготвителниот период. Успеаја да ѝ земат сет дури и на Русија, за разлика од Финска која игра променливо и непредвидливо, совладувајќи нѐ само нас, во конфузното деби, во првото коло и губејќи почетнички од последнопласираната Белорусија.

Значи, не дека и пораз на Турција со друг резултат ќе ни одговара, ние би отпаднале од осминафиналето и ако Финците победат со 3-0 и со 3-1, меѓутоа тогаш барем ќе биде јасно дека заслужиле не четврто, туку и трето место. Во таква ситуација Финска би дошла до седум бода, а Турција би останала на 6, како и Македонија. Но, дури и со најлош пораз од 0-3, Турција ќе има однос на добиени и загубени сетови 7-10, наспроти 7-11 на Македонија.

Барем тогаш ќе се знае дека Турците биле реално надиграни, поради што ја загубиле и поповолната трета позиција на табелата. Потсетуваме дека е важно од кое место одите во осминафиналето бидејќи се вкрстува по принципот 1-4, 2-3, во нашиов случај, со групата А, каде што се Франција, Италија, Бугарија, Португалија, Грција и Романија.

Во секој случај на победа на Турците над Финска, тие ќе го задржат третото место, а Македонија ќе остане четврта. Теоретски, Турците би можеле да играат и за втората позиција на Словенија, под услов таа да загуби со убедливи 3-0 од Русија, а тие да ја декласираат Финска.