
Проблеми за Миленковски пред Златната европска лига – еден откажа, друг е неизвесен!
Од првиот тренинг стана јасно дека постојат одредени проблеми со ростерот на средни блокери. Михајло Мирасчиев од Штип УГД се појави на подготовките, но набрзо се повлече од репрезентативниот список поради лични причини. Неизвесен е и статусот на Филип Маџунков, кој тренира со тимот во Струмица и се пријави како достапен за настап, неговото учество во Лигата зависи од медицинска интервенција.
По успешната операција на левото колено во февруари, сега му е потребна помала интервенција на десното колено. Одлуката дали ќе се подложи на операција во најкус рок ќе биде донесена во координација меѓу селекторот, медицинскиот тим и раководството на Федерацијата. Ако се одлучи за хируршки зафат, тоа ќе значи отсуство на Маџунков од Златната европска лига, но можно враќање за квалификациските натпревари против Грција и Грузија во август.
Подготовките продолжуваат во Струмица до следната недела, по што тимот заминува за Марибор. На 24 и 25 мај, македонските одбојкари ќе одиграат два контролни меча со Хрватска – последна проверка пред официјалниот старт на годинешната Златна Европска лига.