ФФМ го поништи мечот Кожуф - Башкими!

Комисијата за натпревари при Фудбалската федерација на Македонија (ФФМ) донесе одлука да го поништи натпреварот меѓу Кожуф и Башкими, откако се случи скандал во завршницата од мечот кога фудбалерите на домашниот тим застанаа за гостите да постигнат гол за победа.

Натпреварот беше евидентиран како одигран, меѓутоа ниту една од екипите нема да добие бодови, а исто така нема да се сметаат ниту головите кои биле постигнати на дуелот во Гевгелија.

Дисциплинската комисија, исто така, води истрага за случајот и отворена постапка против седум лица.

„Одлуки од Дисциплинска комисија на ФФМ

Дисциплинската комисија на ФФМ по пријава на Дисциплинскиот инспектор поведе дисциплински постапки за недозволено влијание на исход и тек на натпревар по член 72 - Наговарање против:

Пепи Ѓоргиев - спортски директор на ФК Кожуф; 

Славчо Ѓеоргиевски - шеф на стручен штаб на ФК Кожуф; 

Напоменуваме дека случајот не е затворен. 

Одделот за безбедност и интегритет продолжува со активна проверка на сите релевантни аспекти поврзани со натпреварот, поради основано сомнение за нарушување на интегритетот на натпреварот. 

Отворена постапка се води и за: Б.К. - ФК Кожуф, Б.Д.  - ФК Кожуф, Ј.П. - ФК Кожуф, К.С. - ФК Кожуф, Н.С. - ФК Кожуф“, соопшти ФФМ.

Одлуката на ФФМ значи дека Македонија ЃП и официјално е нов прволигаш со 64 бодови, додека Арсими е втор со 62 бодови, а трет е Башкими со 60 поени на едно коло пред крај на сезоната.