
Одбојкарите заминаа кон медитеранското боиште во Тарагона
По неуспешниот фајналфор-турнир во Европската сребрена лига, одбојкарите не застанаа и се пренасочија на ново натпреварување. Медитеранските игри во Тарагона за нив почнуваат в четврток во 12.30 часот со натпреварот против Египет. В петок, пак, во 19 часот ќе се соочат со вториот противник од нашата група, репрезентацијата на Шпанија.
Се разбира, Медитеранските игри немаат некое реноме кај нас и затоа не носат притисок за резултат, но и тие натпревари се за националниот дрес, па одбојкарите ќе мора да дадат максимум. Ако не за резултат таму, тогаш за одржување на формата и на атмосферата пред квалификациите за ЕП во август.
Тие настапија на Медитеранските игри и пред четири години, во Мерсин, но тогаш забележаа три порази во групата, со само еден освоен сет, против Алжир, Тунис и освојувачот Италија.
Покрај одбојкарската, во Тарагона ќе настапуваат и машка и женска ракометна репрезентација на Македонија, како и кошаркарски тим во баскет 3х3.