Македонската одбојкарска репрезентација го претрпе и третиот по ред пораз во дебитантскиот настап на Европско првенство (ЕП), откако попладнево во Љубљана, очекувано, загубија во пресметката со актуелниот европски шампион Русија со 0-3 (15-25, 16-25, 28-30).

Разликата во класи помеѓу двете селекции беше очигледна, а единствено што нашите момци успеаја да направат беше изедначената ситуација во првата половина од воведниот сет кога на семафорот стоеше резултатот 10-10. Од тој момент на теренот во салата „Стожице“ постеше само рускиот состав, кој брзо се одлепи и го осигура првиот сет, а потоа далеку полесно дојде и до вториот сет со константна разлика од почетокот од крајот.

Без разлика на доминацијата на далеку поквалитетниот противник, одбојкарите во жолто-црвените не се предадоа и во средианта на третиот сет ја прикажаа најдобрата игра досега на турнирот. Со неверојатна серија 7-1, македонските момчиња дури и дојдоа до водство против големата Русија и барем на момент покажаа дека не случајно се дел од континенталниот собир и тоа во дуел против еден од фаворитите за медал. Сѐ до финишот од овој дел од играта имавме минимално водство, имавме и две сет-топки (на 25-24 и 28-27), но тогаш дојде до израз квалитетот и искуството на ривалот, кој со три поени во низа го затвори сетот (30-28), а со тоа и мечот.

Претходно, Македонија загуби од Финска (1-3) и Турција (0-3), а до крајот на прелиминарната фаза во словенечката престолнина ќе ги одмериме силите со Белорусија (задутре) и Словенија (вторник). Утре за нас е слободен ден.