Николов: Од едноставното правевме комплицирано и затоа загубивме!

Македонската одбојкарска репрезентација вечерва претрпе пораз од Финска (1-3) во дебитантскиот меч на едно Европско првенство, во меч во кој еден од најдобрите беше Ристо Николов.

По мечот тој направи анализа на учинокот на теренот.

„Во секој сет ги имавме тие три-четири клучни топки кои ги решаваа резултатот, а кои требаше полесно да го решаваме. Едноставните работи, кои беа повеќе, ги комплициравме и грешевме, а комплицираните работи ги решававме поедноставно. Мора да го заборавиме овој меч и да се фокусираме на Турција против која ќе се обидеме да одиграме многу подобро. Ме радува нашата игра на дебито, Финска не доби ниту еден лесен поен, се намачија да нѐ победат. Играме сѐ подобро, па се надевам на позитивни резултати како оди првенството. Стабилни сме во главите, искусни играчи сме и мора да го заборавиме овој пораз“, изјави Николов.

Следниот меч за Македонија на Евроволеј 2019 е против Турција и тоа утре од 17.30 часот.