Љафтов: Ние сме задоволни со себе, другите што сакаат нека зборуваат!

Македонските одбојкари остварија една своја лична цел, со победата над Белорусија. Сега нивното патување на ЕП во Љубљана го чувствуваат вредно и важно, фрлајќи контра удар на критиките.

Имаа поддржувачи, но имаа и критичари, а најгласен мегу вториве беше поранешниот селектор, Јошко Миленковски, кој на националната МРТ изјави дека одбојкарите играат многу лошо на ЕП и дека самиот пласман не е успех, на вака проширен формат со 24 репрезентации. 

Со вечерашната победа над Белорусија, македонските одбојкари дадоа одговор зошто се дојдени, а Александар Љафтов и јавно рече дека ова е од инает за критичарите.

„Можеби малку среќа, можеби оној инает кој го чувствувавме откако нè критикуваа преовлада, па нè натера да им покажеме на тие зошто сме дојдени. Прашуваа зошто сме дојдени, велеа дека сме аутсајдери... Тој инает проработе кај нас и ја остваривме оваа историска победа.  Ова е добар успех. Ние сме дебитанти, како такви се чувствуваме задоволни, па другите што сакаат нека зборуваат“, рече Љафтов.

Успехот може да има уште поголеми димензии ако утре оствариме успех со Словенија (17.30).

„Сега ќе се спие тешко ноќва. Со Словенија многу сме играле и сме ги добивале во Европска лига, но овде е друго. Домаќини се, ја имаат многу подигнато својата игра, но зошто да не направиме изненадување. Зошто да не победиме? Сè е можно во спортот.“, додаде средниот блокер.