Историски исчекор: Пет македонски одбојкарски екипи ќе играат во Европа!

Македонската одбојка ќе запише историски момент следната сезона, откако првпат дури пет екипи ќе се натпреваруваат на европските натпреварувања.

Четири од нив веќе го обезбедија европскиот билет, а петтиот чека потврда од ЦЕВ. Шампионите во машка односно женска конкуренција, Струмица 47&72 и Јанта Волеј КВ, ќе ја претставуваат Македонија во најсилното европско натпреварување – Лигата на шампионите. Штип УГД и Наковски Волеј, кои се куп-освојувачи кај мажите и жените, ќе се борат во Челинџ купот, додека Работнички Скопје, финалист во женскиот плеј-оф, аплицираше за „вајлд-карта“ за истото натпреварување и чека одлука од ЦЕВ.

Особено значајно е што за три клуба – Штип УГД, Јанта Волеј КВ и Наковски Волеј – ова ќе биде нивно прво учество во европските купови, што ја прави оваа сезона уште повпечатлива за македонската клупска одбојка.

Ждрепката за новата сезона во Лигата на шампионите, ЦЕВ купот и Челинџ купот ќе се одржи на 15 јули, во седиштето на Европската одбојкарска конфедерација (ЦЕВ) во Луксембург.