Ѓорѓиев: Во недела да ја победиме Грција и да се пласираме на уште едно Европско првенство!

Капитенот на македонската одбојкарска репрезентација, Никола Ѓорѓиев верува дека во недела во Скопје може да падне Грција, а тоа значи и пласман на Македонија на уште еден континентален собир.

Македонија со победа од 3-0 над Грузија ги почна квалификациите за Европското првенство 2026, следува меч со Грција во Скопје која е многу посериозна селекција од Грузијците. Ако македонските одбојкари слават на овој меч, практично ќе бидат пласирани на ЕП.

„Одличен почеток на квалификациите, убедлива победа над Грузија од 3-0. Јас баш вчера разгледував дека никогаш досега во нашата историја немаме почнато квалификации со победа од 3-0. Првиот чекор е направен. Во недела во „Јане Сандански“ не очекува една дерби пресметка, за мене класико против Грција. Тоа е репрезентација која мислам дека е на наше ниво и ако имаме добар ден, ако бидеме дисциплинирани, посебно во блок одбрана и добар сервис мислам дека можеме да победиме“, вели капитенот Никола Ѓорѓиев.

„Калкулации нема, одиме на победа. Јас како капитен и целата моја екипа е подготвена да извојуваме победа и мислам дека со таа победа ќе ги отвориме широко вратите и 99 проценти ќе го оствариме нашиот сон, сонот на оваа некоја нова генерација иако има доста стари кои играме, но сепак сонот наш е да одиме на Евро 2026“.

„Ја повикувам публиката во што е можно поголем број да ни помогне. Ќе биде тешко, нема да биде така лесно како против Грузија. Но јас верувам и ветувам дека ќе дадеме 100 проценти од нас и во недела ќе славиме Европско првенство“.

Мечот меѓу Македонија и Грција се игра во недела во СЦ „Јане Сандански“ со почеток од 20:15 часот.