Синер прави шампионски тим - ги ангажира луѓето кои беа во стручниот штаб на Ѓоковиќ

Јаник Синер има зад себе фантастична година, зачинета со две титули на Гренд слем турнирите и веќе 14 недели на првото место на АТП листата, но очигледно не планира да застане тука.

Неговите амбиции за во иднина се уште поголеми за што сведочат најавите на Газета дело спорт околу составувањето на нов стручен штаб кој ќе се грижи за неговата форма во иднина. Откако ги отпушти Умберто и Џакомо Налди по допинг аферата, Синер е во завршни преговори на нивно место да ги вклучи кондицискиот тренер Марко Паники и физиотерапевтот Клаудио Цимаља. Интересно е тоа што двајцата во минатото беа во стручниот штаб на Новак Ѓоковиќ и имаа огромен придонес за фантастичната форма и резултатите кои ги остваруваше српскиот ас.

Синер во моментов е на првото место на АТП листата со над 4.000 бода предност пред второпласираниот Александар Зверев и двојно повеќе бодови од Ѓоковиќ кој е на четвртата позиција. Многу веројатно годинава ќе ја заврши како лидер бидејќи до крајот на сезоната има уште два месеца на кои, во најдобар случај, тенисерите би играле по 4-5 турнири.