Рибери и Хандановиќ почнуваат тренерска кариера

Фудбалската федерација на Италија објави листа на тренери кои го положиле тестот за А-лиценца, а на неа се и две многу познати имиња во европскиот и светскиот фудбал.

Станува збор за француската ѕвезда Франк Рибери и поранешниот голман на Интер, Самир Хандановиќ кои со ова официјално почнуваат тренерска кариера. Рибери заврши со активно играње фудбал во 2022, а Хандановиќ во 2023 година, двајцата на 39-годишна возраст. Рибери во моментов работи како технички соработник во италијанскиот второлигаш Салернитана кој беше и негов последен клуб во кариерата. Словенецот, пак, е дел од стручниот штаб на У17 екипата на Интер.

УЕФА А-лиценцата е втор највисок тренерски степен и во Италија овозможува водење екипи во младински категории, во женски фудбал и во машки сениорски екипи до Серија Ц. За да можат да водат елитни клубови, тренерите мораат да поседуваат УЕФА Про лиценца.

Покрај Рибери и Хандановиќ, во оваа класа се и поранешните италијански репрезентативци Доменико Кришито и Алесандро Дијаманти, како и Џанмарко Пиоли, синот на довчерашниот тренер на Милан, Стефано.