Мекгрегор потпишал генијален договор со УФЦ

Конор Мекгрегор се враќа на голема врата во УФЦ-борбите на 6 октомври, против Хабиб Нурмагомедов, но тоа нема да биде негова последна борба, како што многумина најавуваа.

Проблематичниот, но харизматичен Ирец беше суспендиран од УФЦ, долго време немаше борба и сега ќе се врати против Нурмагомедов, меѓутоа тоа е само површината од неговиот нов договор.

Претседателот на УФЦ, Дејна Вајт, потврди дека Мекгрегор потпишал договор со нив за шест борби, за кој добил сè што барал. Покрај „дебела“ сума на пари, која не е обелоденета, тој успеал да протурка неговото виски „Пропер“ да биде еден од главните спонзори во текот на борбите.

„Не беше тешко да се договориме со Конор, бидејќи знаеме колку вреди“, кратко прокоментира Дејна Вајт.

Мекгрегор е на вистински пат да ја продлабочи својата слава, се разбира, ако успее да оствари нови победи, но и да заработи многу пари, бидејќи вискито кое тој го произведува и промовира сигурно ќе се продава како лудо по рекламирањето во УФЦ-борбите.