Македонецот Пецевски меле во ММА-борби: Се врати со трофеј од Швајцарија!

Македонскиот ММА борец, Стефан Пецевски се врати триумфално од Швајцарија, забележувајќи нова победа во своето импресивно досие како професионален борец.

Во велтер категорија, до 77 килограми, Пецевски победи против 26-годишниот Мирадџедан Рахим од Швајцарија, на негов терен, во гратчето Фолкетсвил, во 29-тата од 30 борби на турнирот. Го совлада пред истекот на третата рунда, со зафат од позадина, таканречен „реар нејкед чоук“, по кој Швајцарецот мораше да се предаде. 

Фактот што борбата ја прифати пред само две недели и тоа што отпатува без својот тренер, Ивица Алексовски, не го поколеба Пецевски да ја забележи третата победа во својата четврта борба како професионален ММА-борец. Една беше прогласена со скор нерешено, така што тој се уште нема пораз.

Пецевски има 23 години, доаѓа од тимот „Д Стронгест“, а беше дел и од македонската селекција во бразилска џиу-џица, која минатиот викенд во Рим освои 18 медали.