Комити со пиро-шоу го дочекаа својот брат - европскиот првак Илиоски (ВИДЕО)

Најверните вардарови навивачи Комити, кои се подготвуваат за 35-годишната прослава во среда, му направија изненадување и со пиро-шоу го дочекаа својот брат, новиот европски првак Бобан Илиоски, кој пред три дена стана европски шампион во кик-бокс

Илиоски денеска се врати од Европското првенство во Анталија (Турција), каде убедливо со три победи со 3-0 стигна до европскиот трон, па Комити му направија пречек.

„Европската титула ја крена – скопската хиена!“, беше паролата со која го дочекаа.

Илиоски после враќањето во Скопје им се заблагодари на сите за поддршката и посочи дека европската титула носи незаменливо чувство.

„Нема место како дома. Ви благодарам на сите за несебичната поддршка до сега, и за ова прекрасно изненадување. Чувството да се биде европски првак е незаменливо, секој вложен труд и напор вродува со плод, па така и оваа титула е дел од едно патешествие во кое не сум сам. Со Господ напред, одиме заедно во нови победи, и нови спортски подвизи!“, објави Илиоски.