Кикбоксерот Илиоски вторпат по ред е спортист на годината во избор на Град Скопје!

На денешната свечена церемонија во големата сала на Советот на Град Скопје, беа доделени наградите за најуспешните спортисти, спортистки и тренери за 2024 година, меѓу кои најважна е таа за Бобан Илиоски како најуспешен спортист во сениорска категорија.

Членот на кикбокс клубот „Шампион“ вторпат по ред ја освои првата награда за своите врвни достигнувања, по што следуваат атлетичарот Дарио Ивановски на второто место и шахистот Тони Лазов на третото. Листата на десетте најуспешни сениори ја заокружуваат Милијана Рељиќ (Таеквондо), Михаела Мишовска (Карате), Андреас Трајковски (Атлетика), Петар Заборски (Карате), Стефан Михајловски (Кик Бокс), Симона Заборска (Карате) и Петар Спасеновски (Карате).

Во младинската категорија, за најуспешен беше прогласен Силвио Мировски (Кик Бокс), а меѓу десетте најдобри се истакнаа и спортисти од карате, мечување и триатлон. Посебно признание доби тренерот Дејан Митровски од Кикбокс клубот „Шампион“, додека во категоријата лица со попреченост наградата ја освои Стоилко Стоицев за извонредни успеси во планинарењето.

На церемонијата не беа доделени награди за најуспешен спортист-странец и најдобра екипа поради недостаток на врвни резултати. Добитниците на наградите споделија паричен фонд од 150.000 денари како дополнително признание за нивните успеси.