Македонија со десет каратист(к)и ќе брка медали на Универзијадата во Загреб!

Селекторот на универзитетската карате репрезентација на Македонија, Бошко Заборски, пред денешното заминување на десетдневни подготовките во Бар и Сутоморе (Црна Гора) го објави списокот на кој има девет каратист(к)и, кои ќе настапат на претстојната Европските универзитетски игри во боречки спортови во Загреб.

Во машка конкуренција ќе имаме пет претставника и тоа Горан Николовски (до 60 килограми), Давид Петков (до 67 кг), Петар Заборски (до 75 кг), Петар Спасеновски (до 84 кг) и Роберто Ацковски (екипно борби), додека Фери Исиќ ќе нѐ претставува во кати-поединечно. Кај дамите, во поединечни и екипни борби ќе учествуваат Сара Радичевска (до 50 кг), Симона Заборска (55 кг), Моника Пендаровска (61 кг) и Анѓела Мојсовска (до 68 кг).

„Нашите каратисти-студенти во континуитет освојуваат медали на универзитетските првенства. Имаме добар тим и со планираните тренинзи во Бар и Сутоморе се надеваме дека подготвеноста ќе ја подигнеме на задоволително ниво и ќе имаме добри настапи и борби и на ова силно натпреварување. Ги имаме актуелниот европски универзитетски шампион Петар Заборски и Сара Радичевска, која е европска шампионка од последното првенство во Брага. Очекуваме добар резултат и од женскиот тим во борби, тие на последната Универзијада беа финалистки и освои сребрен медал“, изјави селекторот Заборски.

Во Загреб, главниот град на Хрватска, од 31 јули до 4 август, ќе има 1300 учесници од 400 универзитети и 35 европски земји. Ова е прво вакво издание на четирите европски шампионати што се одржуваат како еден настан на универзитетско ниво и тоа го прават најголемиот настан во календарот на ЕУСА за 2019 година. Студентскиот дом "Стјепан Радиќ" (Сава) ќе биде спонзорско село за сите гости кои ќе се натпреваруваат во четири боречки спортови - карате, таеквондо, џудо и кикбоксинг.