Скандал на СП: Руски борач депортиран од Хрватска – ќе завршел во камп за мигранти!

Голем скандал го потресе Светското првенство во борење што се одржува во Загреб, откако европскиот шампион од Русија, Емин Сефешаев, бил депортиран од Хрватска во Србија поради проблем со виза.

Сефешаев, шампион од континенталното првенство оваа година во Братислава во категоријата до 55 килограми во грчко-римски стил, пристигнал во Загреб со цел да настапи на најголемото натпреварување, но таму го чекал шок. Хрватската полиција го известила во хотел дека неговите документи не се исправни, по што бил приведен, задржан во станица и поминал седум часа во притвор.

Според руските медиуми, постоела можност борачот да биде испратен и во камп за мигранти, но по интервенција на српските власти бил префрлен во Белград. Ниту присуството на рускиот конзул, адвокат и претседателот на Руската боречка федерација, Михаил Мамијашвили, не помогнало проблемот да се реши веднаш. Од Федерацијата тврдат дека Сефешаев имал валиден пасош и дека без потешкотии ја поминал српската граница.

Како резултат на административниот хаос, европскиот првак нема да може да се натпреварува на шампионатот во Загреб, кој се одржува од 13 до 21 септември.