Џошуа со емотивно видео се збогува од загинатите тренери и им кажа фала на лекарите!
Британскиот боксер изрази и голема благодарност до медицинскиот персонал кој се грижел за него за време на престојот во болница во Нигерија, како и до бројни институции и поединци кои помогнале по трагичниот настан. Тој под видеото напиша трогателна порака, во која се заблагодари на сите што помогнале во критичните моменти по несреќата:
„Сакам да одвојам момент за да ја изразам мојата огромна благодарност до службите за итна помош, до сите кои се втурнаа да им помогнат на Латиф и Сина, до оние кои ми помогнаа да стигнам до болницата и до сите локални жители кои се молеа за нас на самото место“, напиша тој.
Џошуа упати посебна благодарност и до медицинскиот персонал во болницата „Лагун“ во Икоји, потенцирајќи неколку лекари по име.
„На докторите и медицинските сестри во болницата ‘Лагун’, вклучувајќи ги д-р Огунунјанкин, д-р Тосин Маџекодунми и д-р Ниналово, ви благодарам за грижата и професионалноста“.
Боксерот во својата порака им се заблагодари и на британските дипломатски претставници, како и на нигериските бизнисмени и државни функционери кои помогнале со логистика и поддршка. Меѓу нив се и Сајмон Филд, заменик-висок комесар на Обединетото Кралство, како и Феми Отедола и Алико Данготе, за кои Џошуа истакна дека без нив враќањето во Велика Британија немало да помине толку непречено. Тој упати благодарност и до гувернерот на државата Лагос, Бабажиде Санво-Олу, гувернерот на државата Огун, Дапо Абиодун, како и до претседателот на Нигерија, Бола Ахмед Тинубу, за нивната лична ангажираност и поддршка.
„И на крај, им благодарам на Сесил Хамонд и на сите кои учествуваа и помогнаа. Вашите напори, добрина и поддршка никогаш нема да бидат заборавени. Бог да ве благослови“, заврши Џошуа.