Емотивен документарец за Дарио Ивановски: Ќе трчам додека сум жив (ВИДЕО)
Точно една година по неговата блескава победа на улиците во главниот град, документарецот детално го следи развојот на македонскиот херој, опфаќајќи ги моментите од неговите први атлетски чекори, преку клучната одлука да се посвети исклучиво на маратонското трчање, па сè до круната на кариерата преточена преку минатогодишниот триумф во Скопје и историскиот настап на Олимписките игри. Низ емотивна ретроспектива, Ивановски отворено говори за својата животна филозофија во која маратонот одамна ја надминал битката со стоперицата.
Тој објаснува како овој спорт станал негов стил на живот, секојдневие исполнето со макотрпни тренинзи, илјадници истрчани километри, големи одрекувања, но и неизбежни падови и блескави подеми кои секогаш одново го враќаат на стартната линија. Трчањето за него претставува пасија од која нема намера никогаш да се откаже.
„Верувам дека додека сум жив, јас ќе трчам. Додека сум жив, ќе уживам во секој мој километар изминат. А, тоа е да бидам маратонец. Еден ден кога ќе се пензионирам, ќе се пензионирам како победник на Скопски маратон и како олимпиец“, категоричен е Дарио во својата изјава во филмот.
За комплетирање на сликата за спортистот и човекот кој стои зад овие врвни резултати, во документарецот говорат и неговиот тренер, најблиските соработници, како и клучните луѓе од организацијата на Скопскиот маратон кои во континуитет го следат неговиот пат. Нивните автентични сведоштва фрлаат нова светлина врз неговиот развој, откривајќи за јавноста досега целосно непознати интимни и професионални детали од животот на македонскиот олимпиец.