За Дувњак заврши Светското првенство, веројатно и репрезентативната кариера

Ракометниот сојуз на Хрватска објави дека повредата што синоќа ја доживеа Домагој Дувњак за него значи крај на настапот на Светското првенство.

Искуснииот бек почувствува болки во листот и во соблекувалната замина во солзи, а на негово место селекторот Дагур Сигурдсон го повика Игор Карачиќ. Утринава е потврдено дека Дувњак не може повеќе да игра на Мундијалот, а мечот против Аргентина најверојатно беше и последен за него во репрезентативниот дрес.

Пред Мундијалот тој рече дека ова му е последно големо натпреварување во националниот тим што нужно не значи дека нема да игра во квалификациите за Европското првенство, но многу веројатно ќе стави крај на својата репрезентативна кариера. Во моментов тој е рекордер по бројот на настапи за во хрватската репрезентација со 257, а за селекцијата игра од 2006 година и освои вкупно девет медали од кои последната е од Европското првенство во 2020 година.