Унгарија ја суреди Полска и со Шпанија се во четвртфинале, Хрватска се посрамоти

Селекциите на Унгарија и Шпанија се веќе четвртфиналисти на Светското првенство во Египет, откако денеска Унгарците ја победија Полска со 30-26 и со максимални осум бода на коло пред крајот обезбедија елиминациска фаза, а со себе ја повлекоа и Шпанија, која попладнево лесно го победи Уругвај со 38-23.

Само со почетното водство од 1-0 и едно израмнување на 5-5 од почетокот на мечот, Полска ѝ беше конкурентна на Унгарија, а сѐ друго беше во знакот на Унгарците, кои од минута во минута ја зголемуваа предноста, па таа достигна највисоки плус седум пред полувремето (16-9), а до средина на вториот дел имаа и највисоки плус осум неколкупати (24-16 последен пат), по што само рутински го доиграа остатокот од мечот во кој Полска успеа само да ја преполови големата негатива на прифатливи минус четири.

Лекаи со осум гола и Мате со шест беа предводници на „унгарската коњица“, брилјантен беше и голманот Миклер, а Сицко даде шест како прво име на листата на стрелци кај Полска

Унгарија и Шпанија со осум односно седум бода се сигурни четвртфиналисти, Полска остана на четири, а Германија има два додека Бразил 1 бод пред меѓусебната пресметка вечерва. Уругвај е последен без бодови во оваа група.

Хрватска се изрезили со Аргентина и загуби четата на Лино Червар со 19-23 во мечот на кој ужасно тргнаа „каубоите“ во мечот, цели 11 минути не дадоа гол имаа од старт пет негатива (0-5), но до полувремето успеаа да стигнат во егал (12-12), благодарение на расположениот вардарец Иван Чупиќ, кој мечот го заврши со седум гола.

Но, кога се очекуваше комплетен пресврт, Хрватска повторно лошо тргна во вториот дел и се мачеше во нападот, а Аргентина стигна до плус четири, одржувајќи ја таа предност. Дојдоа „гаучосите“ и на највисоки плус пет (22-17), практично решавајќи го мечот во завршицата, по што беше јасно дека Червар нема решение вечерва, па Хрватска не се ни приближи за да ја загрози победата на Аргентинците.

Пизаро даде четири гола како прв стрелец, а Симонето, Бароне и Фернандез постигнаа по три гола. Чупиќ погоди седумпати, а по три Шебетиќ и Мамиќ.

Аргентина со победата ги прескокна „каубоите“ и сега има шест бода, еден повеќе од Хрватска, а Данска е прва и вечерва би требало против Јапонија да го заверат осминафиналето со нов четврти триумф на СП (осум бода). Катар е четврти со четири, додека Јапонија е на еден бод, а Бахреин нема ни еден.