Хрватска со екс-вардарците ќе брка пласман во мундијалското финале

Вечерва од 21 часот во Загреб се игра првиот полуфинален натпревар од Светското првенство во кој се среќаваат Хрватска и Франција.

Двете репрезентации обезбедија пласман во оваа фаза по драматичните победи во четвртфиналето. Хрватите пред домашната публика ќе се  обидат да стигнат до своето петто финале на мундијалите, а прво по 2009 година кога исто така беа домаќини. За остварување на таа цел треба да помогнат и поранешните играчи на Вардар, Лука Циндриќ (играше и воо Металург) и Игор Карачиќ кои се враќаат во хрватската репрезентација на овој натпревар.

Циндриќ беше надвор од тимот од второто коло и дуелот против Аргентина кога се пожали на повреда, а токму тогаш беше повикан Карачиќ кој, пак, не играше против Унгарија во четвртфиналето.

„Нашите физиотерапевти работат 24 часа за да ги оспособат ракометарите за игра. Сите ќе бидат во составот, рекоа дека ќе играат и со една нога, ќе испијат неколку таблети и излегуваат на терен“, изјави помошниот тренер во хрватската репрезентација Денис Шпољариќ.

Втората полуфинална двојка ја сочинуваат Данска и Португалија, но тие на терен ќе излезат утре.