Хаос во црногорскиот ракомет по елиминацијата од Италија - Шола поднесе оставка

Хрватскиот стручњак Владо Шола експресно ја напушти селекторската функција во црногорската репрезентација по дебаклот во баражот за пласман на Светското првенство.

Црна Гора не само што не успеа да се пласира на Мундијалот, туку загуби од Италија и во вториот меч (32-34), пред 5.000 навивачи во Морача, комплетирајќи го на тој начин дебаклот откако минатиот месец и женската репрезентација потфрли во квалификациите за Олимписките игри. Целиот гнев на навивачите по поразот беше насочен кон Шола, па тој немаше друг избор, освен јавно да ја обзнани својата одлука.

„Им честитам на играчите и ја преземам одговорноста за се. За се што беше лошо, виновен сум јас. Веднаш поднесувам оставка, жал ми е што го разочарав ракометниот свет во Црна Гора“, изјави Шола.

Црна Гора е единствен носител кој не успеа во овој бараж да обезбеди пласман на Светското првенство, а најавено дека Сојузот ќе аплицира за специјална покана за која уште ќе конкурираат Србија, Романија и Грција.