Габер обезбеди реми за Словенија против Шведска во последната секунда

Словенија и Шведска ремизираа 28-28 во рамки на второто коло од главната фаза во групата 4 на Светското ракометно првенство. 

Херој на Словенците беше Матеј Габер, кој погоди во последните моменти од натпреварот и обезбеди бод за својата репрезентација. Целиот натпревар мина во изедначена игра, но Шведска беше таа која постојано водеше. Во првиот дел „викинзите“ имаа и +5 (11-6), но на паузата резултатот гласеше 15-14 Во второто полувреме Словенија со добар старт го презема водството, но само за кратко, бидејќи Шведска се врати на стандардните 2-3 голови предност. Словенија го направи финишот многу поинтересен благодарение на серија од 3-0 со која поведе со 26-27. Шведска даде два гола по ред за да си ја врати предноста, но Габер беше херој на Словенија во последните секунди за конечни 28-28.

Гајиќ со шест голови беше најдобар кај Словенија, Ване имаше седум за Шведска. Во групата 4, на врвот на табелата се наоѓа Египет со шест бодови, колку што сега има и Шведска, следуваат Русија и Словенија со по пет бода, Белорусија има 2, додека Македонија е последна без бодови.

Во последното коло од главната фаза, Египет игра против Словенија, Шведска со Русија, додека Македонија ќе ги одмери силите со Белорусија. 

Во рамки на групата 3, Норвешка очекувано го декласираше Алжир со 36-23 и со шест бодови се искачи на второто место на табелата, два зад лидерот Франција, а шест на третата позиција има Португалија.