Франција на колена: Хрватска е првиот финалист на СП!

Репрезентацијата на Хрватска е прв финалист на Светското првенство откако вечерва ја надигра Франција и сосема заслужено славеше со 31-28.

Тоа е прв финале за „коцкестите“ по 16 години, а интересно е тоа што и сега, како и тогаш, беа во улога на (ко)домаќини. Во тогашното финале, Франција беше подобра и ја освои светската титула, а вечерва Хрватска се одмазди и в недела во Осло ќе се бори за својата втора титула во историјата.

Хрватите ниеднаш на овој меч не беа во негатива, а само два пати, во почетната фаза, резултатот беше израмнет (1-1 и 3-3). Се останато помина во знакот на домашната селекција која им одржа лекција на фаворизираните Французи од кои сите очекуваа уште едно финале.  Во првото полувреме Хрватска имаше водсгво и од девет разлика (17-8 и 18-9), „триколорите“ се заканија дека можат да направат пресврт, но најмногу што успеаја да се доближат беше три разлика, колку што беше и конечниот резултат.

Срна и Јелиниќ со по седум гола ја предводеа Хрватска, Мартиновиќ додаде шест, а Мараш четири. Во франциската селекција, најефикасен беше Мем со осум гола. Својот противник во финале, Хрватска ќе го добие утре кога се среќаваат Данска и Португалија.