
Брестовац: Египет е следниот светски првак, ние треба да учиме од нив
Египќаните ни одржаа ракометна лекција и го импресионираа нашиот предводник, кој ги нарече, „наредниот светски првак“. Ние доцниме во модерниот ракомет и овој огромен пораз е лекција за Македонија, како треба да работиме во иднина.
„Јас и по натпреварот изјавив, дека игравме против наредниот Светски првак во ракомет. Египет е компакнта екипа, јака физички, одлично градена генерација со години. Време им е да освојат СП, како следствено на настани од млади до сениори. Успешен систем. Тие се континентални прваци и мислам дека сега ќе го направат тоа и на ова првенство. Демонстрираа модерен ракомет, кој ние како репрезентација го немаме и касниме зад нив. Ова да ни биде поука и добра школа, како на физички така и во други елементи од ракоментата игра. Зборувам на ракомет на ова ниво. Ова треба да ни биде мерка и каде треба да работат играчите во своите клубови. Ова е репрезентација, ние сме заедно кратко време, секој оној што сака да биде голем играч, можеше да осети колку сме немоќни, колку не нема во многу елементи. Не очекував толкав пораз. Малку не порамети и црвениот картон на Кузмановски. Египет демонстрираше дека се помоќни од нас, физички поскилни“, изјави Брестовац.
Селекторот верува дека Македонија има светла иднина и дека во наредните години повторно ќе се сретнеме со Египет па да ја поправиме сликата.
„Се надевам дека на наредното СП ќе им се реваншираме со добра партија, а потоа можеби и да ги победиме. Верувам дека оваа генералнија е најдобрата од Македонија. Во второто ги оставив помладите со поголема минутажа. Сето тоа е со идеја да одиме степен погоре“, додаде Брестовац.