„Знаеш ли што е одговорност 'пријателе'“?
Обично овие мои пишани мисли или колумни како сакате, ги пишувам веднаш по завршување на натпреварот, меѓутоа оваа ја пишувам ова утро за да оставам да помине барем некое време и да не бидам толку „хардкор“ и да ја применам онаа мисла „утрото е попаметно од ноќта“. Меѓутоа...и по преспиената ноќ, по оставањето на работите да „оладат“ повторно е исто чувството.
Чувство на разочараност, разочараност од ситуацијата во која е доведена машката репрезентација и играчите кои настапуваат моментално. Разочараност од немање „чувство“ на комплетниот стручен штаб на чело со селекторот за „основни“ спортски правила на однесувањето. Правила на однесување кон кои секој нормален човек, спортист, спортски работни треба и мора да се придржува, а тоа се „одговорност“ и „морал“.
Не знам колку јавноста забележа меѓутоа на синоќешниот натпревар Кузмановски беше на клупата и натпреварот го почнавме со Ѓоргиев. Многумина се запрашаа зошто е тоа така!? Оние што ракометот ни е професија и што го познаваме или го познаваат мојот „пријател“ ни беше јасно за што станува збор. Имено, Кузмановски претходните денови имаше малку несмасна изјава без никакви лоши намери, верувам. Тоа беше изјава која го погоди „пријателот“ во егото и затоа реши „семоќниот“ да го дисциплинира и да го седне на клупа.
Тоа се работите со кои ние се занимаваме и ни се во фокусот наместо да биде создавање на репрезентација, работење на атмосферата, создавање на однос на меѓусебно почитување. Ете затоа се случи тоа што се случи... И затоа ќе се случува тоа што ќе се случува... Егото и комплексите се тие што ја водат репрзентацијата.
Вчера слушнавме изјави дека играчите не го издржале притисокот... Небаре „пријателот“ сѐ направи како што треба, па ете играчите се тие што се виновни. Пред собирот имаше играчи од типот на Талески, кој последните две сезони ги игра на врвно ниво. Томовски кој во Лигата на шампионите е еден од најдобрите голмани. Манасков којшто е еден од најдобрите играчи на неговата позиција во Европа. Георгиевски кој во Вардар е на едно ниво како пред пет-шест години. Пешевски кој е екстра квалитетен пивот. Митревски кој последните години брани во Лигата на шампиони. И од нив направи екипа на комплетни аутсајдери дури и со Аргентина.
Затоа да не должам многу - одговорност „пријателе“! Македонската репрезентација не е приватна, а уште помалку е казино каде можеш да играш, па ако добијам - добијам, ако не – ништо. Зачувај го барем малку достоинството што ти остана, ако воопшто го имаш.