„За репрезентација треба да сакаш да играш, вратата е отворена за Манасков“

Уште во објавувањето на широкиот список ракометари за квалификацискиот двомеч со Португалија, во очи падна тоа што Гоце Георгиевски и Дејан Манасков не беа во комбинација кај селекторот Кирил Лазаров.

На денешниот прв собир, тој одговори на прашањата за двете искусни крила: зошто се отсутни и дали одлуката е привремена или долгорочна:

„Со Гоце Георгиевски се договоривме уште на СП во јануари да им отстапи место на помладите. Неговите два последни натпревари ќе бидат против Луксембург и против Турција и мислам дека достојно ќе може да се опрости од националниот тим. За Дејан Манасков, по СП решив да им дадам шанса на помладите играчи на таа позиција, како Цветан Кузманоски и Петар Атанасијевиќ“, рече Лазаров.

Како дообјаснување рече дека за репрезентацијата „треба да сакаш да играш“, без да навлегува што тоа значи и дали крилото на Вардар не сака да игра.

„Вратата за секого е отворена. За националната репрезентација треба да сакаш да играш. За никого не е затворена вратата, така што одлуката не е конечна“, се изјасни Лазаров.