Гарабаја: Ако не ја почувствуваш атмосферата лично, не знаеш каква е магијата тука!

Тренерот на Пелистер, Рубен Аренас Гарабаја за првпат го водеше битолскиот тим на натпревар од Лигата на шампионите, тргна со победа над Загреб од 25-23.

И на прес-конференцијата пред мечот Гарабаја истакна дека сака да ја почувствува толку зборуваната атмосфера во битолската сала, па сега по мечот ги кажа импресиите.

„Многумина ми зборуваа за атмосферата тука, но додека не ја почувствуваш лично, не знаеш каква е магијата во оваа сала. Многу е лесно да се игра со ваква поддршка“, рече Гарабаја по мечот.

Стратегот потоа се префрли на анализа на натпреварот.

„Не требаше да се доведеме до ваква ситуација на крајот од средбата. Многу е важно да победуваме во натпреварите кои се клучни за нас во групата. Јасно е дека ова не е нашето најдобро ниво, можеме уште да напредуваме и работиме на тоа. Мора да мислиме од натпревар во натпревар, но секогаш мора и да уживаме во победите. Вечерва ќе уживаме, а од утре ќе мислиме на следниот меч“, додаде тренерот на Пелистер.

За три дена Пелистер има домашна задача против Пролет, а потоа на 18 септември му гостува на ПСЖ во второто коло од Лигата на шампионите.