Во Клуж ќе судат арбитрите кои на Македонија ѝ ја донесоа најголемата ракометна радост!

Да беше потесен резултатот од првиот натпревар во Скопје, ќе стравувавме и на најмалиот детаљ за реваншот во Клуж, како на пример судиите за мечот меѓу Романија и Македонија. Тие се познати и талични за македонскиот ракомет.

Правдата во „Хореа Демјан“ ќе ја делат Германците Маркус Хелбиг и Ларс Гајпел. Тоа се Германците кои имаа доволно истенчени нерви да го спроведат до крај финалето од Лигата на шампионите во 2017 година и „да го донесат“ Вардар до европската круна.

Кога успеавме да се радуваме на таков успех под нивното свирче, сега за пласман на едно СП и тоа со предност од осум гола од првиот натпревар (32-24) - не би требало да е проблем!

Оваа двојка ја делеше правдата и во „Борис Трајковски“, кога го пречекавме Исланд минатата пролет, за пласман на ЕП во Хрватска (30-25), ама не секогаш биле талични за нашата репрезентација. Тие беа арбитри на највисокиот пораз на ЕП 2016, 24-34 од Хрватска, како и на трилерот со Полска, на истиот тој шампионат, кога загубивме со 23-24.

Во Скопје доаѓале и во ноември 2013 и тоа во интересна улога, како судии на мечот меѓу Вардар и Металург во Лигата на шампионите, кога „сините“ победија со 26-18.

Утрешниот натревар во Клуж почнува в среда, во 17.30 по македонско време.