Велковски: Одбравме потежок пат за СП, не знам дали неискуството пресуди на ова ЕП!

Македонскиот ракометен десен бек Мартин Велковски посочи дека Македонија вечерва според играта не заслужила да загуби од Данска со десет разлика, потенцирајќи дека со овој настап на ЕП на кои запишавме три порази ги чека многу потежок пат за пласман на Светското првенство во 2023 година.

Велковски потенцира дека во клучните моменти со Словенија и со Црна Гора е испуштена шансата за втор круг, а не знае дали сето тоа е плод на неискуството

„Видовме и со Словенија и Црна Гора дека можеме да играме, ете Црна Гора на крај помина понатаму. Тие два меча беа доста израмнети мечеви и не знам дали загубивме на неискуство, но во клучните моменти погрешивме и ја пропуштивме таа шанса за втор круг. Одиме по потежок пат во баражите за Светско, најверојатно против потежок противник, но ќе се подготвуваме и ќе се трудиме да сме сѐ подобри и подобри, бидејќи мора да одиме напред“, вели Велковски.

Тој потенцира дека како еден од проблемите вечерва за убедливиот пораз е и повредата на Филип Кузмановски.

„Добро го отворивме мечот, но повредата на Филип Кузмановски, кој го повреди зглобот ни ја расипа малку ротацијата и играта. Се виде потоа дека имаме проблеми во организирањето на играта. Данците никогаш не застануваат, а тие што играа беа поодморени и сакаа да се докажат кај нивниот селектор, цело време напаѓаа и цело време беа на сто отсто, па беше навистина тешко. Криво ми е што заврши 10 разлика, мислам дека игравме добро за да не биде толкава разликата, но тоа е што е“, додава Велковски.