
Томовски официјално претставен во германски Битигхајм – потпиша на две години!
Македонецот, кој до сега бранеше за тимот на Потсдам, потпиша договор до 2027 година. Томовски кариерата ја почна во Металург, каде стекна меѓународно искуство настапувајќи во Лигата на шампионите. Во 2019 година ја започна својата германска авантура со тимот на Лудвигсхафен, а по две сезони се врати во Македонија и го облече дресот на Вардар, со кој во 2022 година ги освои двата домашни трофеја – шампионската титула и купот.
Битигхајм со ангажманот на македонскиот голман покажа дека основна цел за следната сезона е враќањето на тимот во германската елита.
„Со ангажманот на Мартин добивме интернационално искусен голман, кој веќе покажа дека може да брани на високо ниво во Бундеслигата. Тој остави одличен впечаток и на теренот и надвор од него, и веруваме дека ќе биде клучен играч во нашата мисија за враќање во Првата лига“, изјави извршниот директор на клубот, Бастиан Шпајлингер.
Томовски, кој е стандарден член на македонската репрезентација и има настапи на СП 2021 и ЕП 2024, не го криеше задоволството по потпишувањето на договорот:
„Среќен сум што доаѓам во Битигхајм. Минатата сезона имав можност да играм против нив и веднаш ги препознав квалитетите на тренерот Икер Ромеро. Разговорот со него беше пресуден – имаме исти цели и јасно дефиниран план, затоа сум уверен дека направив вистински избор“, изјави Македонецот.
ФОТО: EHF