Томовски: Не е само до мене, одбраната многу ми помогна

Македонскиот чувар на мрежата Мартин Томовски вчера имаше неверојатен натпревар против Словенија на Европското првенство (ЕП), иако неговите одбрани, сепак, не беа доволни на Македонија за да се израдува на позитивен резултат против фаворитот.

Томовски кажа дека забележал многу позитивни работи во поразот од Словенија, а посебно во одбраната која играше на повисоко ниво од претходно.

„Изгубивме од Словенија, но во нашата игра имаше многу позитивни работи. Одбраната ни беше на повисоко ниво, но мало невнимание скапо нѐ чинеше. За добриот настап ми помогнаа многу соиграчите, но и добрата анализа пред натпреварот“, кажа Томовски.

Голманот на Македонија кажа дека ќе се обидат да ги поправат грешките пред дуелот против Црна Гора и се надева на победа во вториот меч на ЕП.

„Денеска е нов ден и ќе се погрижиме да ги поправиме нашите грешки и недостатоци. И ќе дадеме сè од себе за да се радуваме на позитивен резултат против Црна Гора“, вели македонскиот голман.