Шведска ѝ го одреди патот на Македонија до четвртфинале на СП

Шведските ракометарки до 18 години беа премоќни против отпишаниот Иран со убедливи 39-19, па така ѝ го одредија патот на Македонија до четвртфиналето на Светското првенство (СП) за кадетки.

Македонија пред мечот на Шведска и Иран имаше 17 гола подобра гол-разлика, меѓутоа триумфот на швеѓанките од 20 разлика против Иран ја урнаа шансата на „црвено-жолтите“ и со пораз од Исланд да се надеваат на место меѓу најдобрите осум репрезентации.

Ракометарките вечерва немаат многу избор, освен победа или реми против Исланд од 20.30 часот, ако сакаат да заиграат во четвртфиналето.

Ако Македонија одигра реми со Исланд, тогаш ќе се пласира во четвртфинале како втора во нашата група, што значи меч против првопласираната од групата 3, а тоа е Јужна Кореја, една од четирите репрезентации кои досега имаа стопроцентен ефект на ова СП.

Втората опција е победа против Исланд, а со тоа и пласман на првата позиција во нашата група и дуел против Холандија, која заврши втора во групата 3.