Серафимов: Австрија сака да игра 7 на 6, треба тактички добро да се подготвиме
Нашиот најдобар пеналџија, Мартин Серафимов жали што во втората фаза не отидовме со повеќе бодови, но се надева дека нив ќе почнеме да ги освојуваме уште од мечот против Австрија.
„Пресреќен сум што се квалификувавме за следната фаза, можеше да биде и подобро, да пренесеме уште некој бод, испуштивме една победа со Унгарија. Сега не чека натпревар со Австрија каде што знам дека ќе го дадеме максимумот, после тоа ќе одиме чекор по чекор напред, но сега во моментов во главата ни е само наредниот натпревар“, вели Серафимов.
Анализата за Австријците е направена, тие играат поинаков ракомет од нашите претходни три противници.
„Ги анализиравме Австријците, тие трчаат многу, но и ние трчаме. Не можам да ги споредам со некој од претходните противници. Голем дел од натпреварот сакаат да го играат со 7 на 6, тоа не е тајна. Целта е тактички да се подготвиме и да нападнеме како што треба“.
Натпреварот меѓу Македонија и Австрија се игра утре (вторник) со почеток од 15:30 часот.