Алонсо: Врската со Реал ми е многу силна, но не размислувам за работа таму

Веднаш откако денеска Карло Анчелоти објави дека на крајот од сезонава ќе го напушти Реал, почнаа шпекулациите за неговиот можен наследник.

Уште одамна се зборува дека на клупата ќе седне поранешниот играч на овој тим Чаби Алонсо кој има големи успеси со Баер Леверкузен и на таа тема беше прашан на прес-конференцијата пред натпреварот против Атлетико во Лигата на шампионите. Сепак, шпанскиот стручњак избегна да каже дали ќе го наследи Анчелоти.

„Времето минува, но врската со Реал останува многу силна. Вакви прашања ниту ме нервираат, ниту ме плашат, ниту ме изненадуваат, но јас во моментов не мислам на евентуална работа таму. Единствено на што размислувам во моментов е дуелот со Атлетико Мадрид“, рече Алонсо.

Кој и да дојде на клупата на Реал ќе му биде тешко да го замени Анчелоти кој освои вкупно 15 трофеи како тренер на овој тим. Интересно е тоа што Чаби Алонсо играше во Реал кога Италијанецот беше тренер, од 2013 до 2015 година.