Лошо почна годината за битолчани, Пелистер загуби и во Куманово

Втор натпревар оваа година за Пелистер и втор пораз, по загубениот меч од МЗТ Скопје, денеска капитулираа во Куманово каде убедливо беа совладани со 86-72.

Куманово ја искористи предноста на домашен терен и со поддршка од публиката дојде до деветтата победа оваа сезона, исто колку што има и Пелистер.

Кумановскиот тим одлично го почна денешниот меч и ја доби првата четвртина со 27-17. Но работите се променија во вториот период во кој Пелистер даде дури 31 поен, а го запре противникот на 11. Битолскиот тим на одморот замина до предност од високи десет поени, беше 48-38 за нив.

Но, третиот период за нив не беше ниту налик на втората четвртина, Пелистер во овие десет минути постигна само седум поени, Куманово го сврте резултатот и во последните 10 минути влезе со предност од 60-55. До крајот го зголеми резултатот за убедлив триумф од 86-72.

Убедливо најдобар на теренот беше кошаркарот на Куманово, Радукиќ кој постигна 31 поен, имаше 12 скокови и седум асистенци. Дабл-дабл во составот на Пелистер имаше Мишковиќ, 22 поени и 10 скокови.