Секој гол што ја тресе салата во Хернинг ги открива двојните аршини на ЕХФ! (ФОТО+ВИДЕО)

Знаете ли кога салата во Хернинг ќе организираше некое големо натпреваување ако градот беше во Македонија? Никогаш, па дури ни тогаш!

Од Хернинг,

ЗЛАТКО КРСТЕВСКИ

Двојните стандарди кои над наш грб секојдневно ги истураат европските политичари за тоа како да се однесуваме, живееме, почитуваме се одразува и на ова – спортско, ракометно ниво.

Никогаш во Македонија немаше да биде дозволно организирање на настан како што е ЕП во ракомет, (а, богами сме организирале во минатото и тоа одлично) ако го понудевме што што го нуди салата „Јиске Банк Боксен“. Зад сиот тој сјај што го гледате на екраните, се крие само вешто склопена метална конструкција на која се собираат и до 15.000 гледачи.

Сѐ е тоа монтажно, парчиња железо споени на милион начини, со огромен сигурносен ризик. По потреба сѐ се менува – и трибините и теренот, затоа што халата е дел од Саем и може вешто да се маневрира со неа. На прв поглед изгледа дека тоа е направено вешто, впрочем Данците по нивниот „Леголенд“ се познати дека сакаат да прават големи нешта од малите парчиња, но ова во Хернинг не е количка направена од мали коцки.

На синоќешниот дуел Данска – Македонија по секој постигнат гол на домаќините, само од аплаузот и од скандирањето трибините имаа вибрации како помал земјотрес. Можете да замислите што ќе беше ако тука во Хернинг имаше неколку илјади од оние „ултрас“ навивачи кои скокаат во текот на целиот меч. Или пак да дојдеше нашата Фаланга во бројка како во Ниш и Белград во 2012 година.

Ние нема да ги заборавиме „милионите“ инспекции од ЕХФ во салите во Скопје и Охрид кога РФМ го организираше ЕП за жени во 2008 година, разноразните „р’чки“ што ги бараа, за сигурноста на публиката, за влезовите, за изгледот на трибините, за столчињата. Дури и сега ЕХФ практикува да критикува за условите кои ги нудиме. Но, салата „Јане Сандански“ иако со помал капацитет, за оваа во Хернинг е вселенски брод. Следењето натпревар од трибина без столчиња одамна е забрането низ цела Европа, но затоа пак тука има огромна трибина зад голот, каде што неколку илјади навивачи стојат. И кои за тоа задоволство платиле по 40 евра по натпревар.

Ние ќе се обидеме да ви доловиме што се крие зад и под трибините на салата во Хернинг, како тоа е монтажно склопено и сами проценете како е тоа напревено. Дури и студиото на МТВ што е на врвот од салата е со препорака да не прима „поголем“ број лица од шест – за секој случај! А на трибините има 16.000 гледачи, кои додуша повеќето од времето седат и навиваат. Не дај боже да почнат да скокаат во исто време како што е тоа случај.

„Монтажното студио ни е како на висина од петти кат, и тоа како се чувствува секоја вибрација. Ние сакавме во тоа студио да ги повикуваме нашите репрезентативци и селекторот, но навистина не сакаме да ги ставаме на непотребен ризик. Не е пријатно таму горе“, велат од екипата на МТВ која секојдневно од Хернинг прави по два преноси, а во втората фаза ќе почне да пренезуваат и по три натпревари дневно.

А, за останатото, за делот каде што е фан-зоната и за сите програми што ги нудат, Данците се напред со времето. Нудат занимација и забава за сите возрасти, делови од терен за да си шутираат пенали, продавници за сувенири, за храна и пиво, фан шопови за дресови. Вистински мал ракометен рај...