Невеш: Македонија има млад и талентиран тим, но Португалија е фаворит!

Португалија го отвори Европското првенство (ЕП) со победа против Романија, а во второто коло ќе се соочи против македонската ракометна репрезентација и Мигел Невеш ги кажа своите очекувања од средбата.

Невеш кажа дека очекуваат тежок натпревар против Македонија, но главна цел ќе им биде да ги освојат бодовите кои треба да им помогнат за пласман во следната фаза.

„Очекуваме тежок натпревар против Македонија. Го гледавме нивниот меч против Данска, знаеме дека се способни да играат добар ракомет. Се подготвуваме за мечот и мислам дека ќе биде добар натпревар. Сакаме да победиме и да освоиме бодови кои се важни за нас. Ние сакаме да постигнуваме брзи голови, но мислам дека Македонија има добри дефанзивци и голмани. Доколку ги поправиме грешките од мечот со Романија, мислам дека може да постигнеме многу голови против Македонија“, вели Португалецот.

Португалскиот ракометар посочи дека тие ќе бидат фаворити во оваа средба, но смета дека Македонија има млад и квалитетен тим кој знае да изненади.

„Мислам дека Македонија има млад и добар тим. Познавам дел од ракометарите, мислам дека младите играчи имаат талент и се подготвени за големи работи. Португалија ќе биде фаворит во оваа средба, иако натпреварот нема да биде лесен. Тоа го мислам поради резултатите на последното Светско првенство, но знаеме дека ќе биде тешко против Македонија. Сакаме да одиграме најдобро што знаеме, ќе се бориме со сè што имаме. Сакаме да освоиме медал, подготвени сме да играме против било кој тим на шампионатот. Наша главна цел е да одиграме најдобро што знаеме“, кажа Невеш.

Македонија и Португалија ќе се соочат в недела, 18 јануари, од 18 часот.

Фото: EPA