Ристовска: Најважен за нас е натпреварот со Турција

Женската ракометна репрезентација утре го стартува Европското првенство во Дебрецин, а противник ќе ни биде селекцијата на Шведска која во дуелот влегува како голем фаворит.

Во нашите редови на првенството најмногу се очекува од нашата најдобра ракометарка, Сара Ристовска.

Исто како и селекторот Кристијан Грчевски, Ристовска потенцираше дека нашиот фокус е на натпреварот од второто коло против Турција, репрезентација со која можеме да се надигруваме, но секако дека и утре нема предвреме да се предадеме.

„Одработивме добри подготовки, пред се во Пореч каде што одигравме два натпревари и увидовме на што треба да внимааваме, како во нападот така и во одбраната. Во изминатите неколку години правиме смена на генерециите и малку е тешко бидејќи мораме искуството да им го пренесеме и на помладите. Дефинитивно сме на вистинската патека. Фокусирани сме на сите три натпревари, посебно на натпреварот со Турција кој е најважен за нас. Како капитен верувам дека можеме да се прикажаме во добро светло на сите натпревари“, изјави Ристовска.

Првиот натпревар против Шведска го играме утре од 20:30 часот.