Судир за престиж: Црна Гора има индивидуалци, но Македонија - репрезентација!

Македонската репрезентација го исчекува вториот натпревар на Европското ракометно првенство, со кој ќе дадеме одговор дали нашите амбиции за пласман меѓу елитата имаат основа. Противник ни е Црна Гора (18ч.), аутсајдерот на хартија во групата А во Дебрецин.

Од Дебрецин

Владко Арсов

Меѓутоа, Црногорците ни одблизу не се вреќа за боксување во оваа конкуренција, па дури и по поразот од Данска со 30-21 во првото коло. Тоа е еден тим со опасни млади ракометари, како Бранко Вујовиќ, Радојица Чепиќ, Василије Калуѓеровиќ, но и искусни двигатели на тимот како Васко Шевалјевиќ, Мирко Радовиќ, Немања Грбовиќ.... За натпреварот со Македонија ќе го имаат на располагање и Стефан Чавор, а кога на ова ќе се додаде голманот Небојша Симиќ, се комплетира една респектабилна репрезентација, која не само што не заостанува зад македонската, туку е индивидуално и поопасна.

Сепак, колку и да располагаат со индивидуалци, потребно е да функционираат како единка, а досега Црногорците имаат скромни репрезентативни успеси на големите собири. Ова е нивнио шесто Европско првенство, а натпреварот со Македонија ќе им биде мал јубилеј - дваесетти. Досега имаат 17 порази и само по една победа и нерешено. Победата е над Србија, пред две години во Грац, а ремизирале со Русија уште во 2008 година.

Се сеќаваме дека Македонија веќе има поминато преку Црна Гора на своето континентално патешествие. Во 2018 година, во Загреб ја совладавме со 29-28 како дел од извонредната групна фаза, кога го освоивме првото место во конкуренција уште на Германија и повторно Словенија. Тешко дека и денешниот натпревар ќе биде нешто поразличен, барем од аспект на блискоста и неизвесноста, а на македонските ракометари е да го одржат своето највисоко ниво за да не им создадат нова историја на момците од соседството.

Победа над Црна Гора нема да биде доволна за влез во главната фаза на ЕП 2022, сама по себе, но може да донесе подоцнежни плодови за Македонија. Тоа ќе значи повисок пласман на ова првенство, што пак ќе повлече повисок рејтинг за нас, кога ќе се формираат бараж-двојките за пласман на СП 2023.