Победа над Ј. Кореја за крај, Македонија го освои 27. место на СП!

Македонија ќе важи како 27. репрезентација на светот во следните две години, откако денеска, во последниот меч за пласман на ракометниот Мундијал, ја совлада Јужна Кореја со 36-33.

И ова не излезе лесна задача, како што информира и резултатот, иако не личеше така добри 20-тина минути, па и нешто повеќе. Македонија наметна стил, одигра солидна одбрана и главно од контри почна да гради предност од почетокот на средбата. Кога поведовме со 8-4 во деветтата минута, тоа беше повод за прв тајм-аут за Роландо Коста де Фреиташ, португалскиот селектор на Корејците.

Ни тоа не помогна да се смени насоката на мечот и Македонија продолжи кон највисоката предност од шест разлика, која последно ја држеше некаде во 25. минута, со 17-11. Но, тука почнаа проблемите. Кореја излезе со одбанбена зона 3-3 и Македонија наеднаш остана без одговори во нападот. Направија серија од 6-1 и се изборија мечот повторно да стане неизвесен, со 20-19 за Македонија на паузата.

Второто полувреме почна во знакот на корејскиот голман Парк, кој запиша седум интервенции во првите 10 минути, од кои два на пенал. И покрај тоа ја држевме позитивата, но не за долго. Свесно или не, веќе прифативме бркотница по теренот, која многу повеќе ѝ одговараше на Кореја. Брзите бекови или влегуваа или организираа напад за пивот, па Корејците првпат поведоа, со 26-25.

Неизвесноста траеше некаде до 52. минута, кога средниот бек Канг доби црвен картон. Тоа очигледно ги разниша Корејците, правеа се повеќе грешки во нападот, па Македонија успеа да се одлепи и покрај пресинг одбраната до крајот. Дејан Манасков, Гоце Георгиевски и Жарко Пешевски го поминаа мечот на клупа, а кратко во вториот дел влезе Никола Митревски. Мартин Томовски заврши со 14 одбрани, а меѓу стрелците се истакнаа Филип Кузмановски со осум и Ненад Костески со шест гола.

Со четири порази и три победи, Македонија го освои 27. место на СП 2023.