Осмо светско финале за Франција: „Галските петли“ ептен пресилни за Шведска!

Ракометарите на Франција ќе ѝ се спротивстават на Данска во задутрешното големо финале на СП 2023, откако вечерва во Стокхолм ја преслушаа Шведска (31-26), еден од домаќините на планетарниот собир заедно со Полска.

Тоа ќе биде дуел на селекциите што доминираат во последната деценија на светска сцена и кои имаат по две титули по ред почнувајќи од 2013 година. Французите (кои вкупно имаат шест злата) славеа во 2015 и 2017, додека Данците во 2019 и 2021 година, па ова ќе биде идеална прилика за историски хет-трик или, пак, прекинување на серијата и враќање на тронот.

„Галските петли“ апсолутно заслужено дојдоа до триумф во вечерашната пресметка, иако против себе ја имаа и домашната публика која до последното место ја исполни „Теле2“ арената во шведската престолнина. Изедначено беше само во првите неколку минути, по што Французите се одлепија на плус три и до крај го задржаа водството. Швеѓаните најмногу што направија е на намалат на минус два кон средината на второто полувреме (22-24), но немаа сили за целосен пресврт. Фабрегас со шест погодоци беше најпрецизен во победничкиот тим, додека Мае и Мем реализираа по пет голови, додека Јохансон со пет голови беше најефикасен кај Шведска.

Големото финале се игра в недела од 20.30 часот, додека претходно Египет и Унгарија (13 часот) ќе се сретнат во борба за седмото место, Германија и Норвешка (15.30) за петтата позиција додека Шведска и Шпанија (18 часот) во малото финале.