Нова шанса за Македонија на Олимписките игри во 2024?

На денешното генерално собрание на Ракометната федерација на Македонија, меѓу останатите, збор зеде и поранешниот генерален секретар, Марјан Начевски. Тој  посочи една подзаборавена можност за Македонија за нови докажувања на меѓународната ракометна сцена.

Станува збор за ракомет на плажа. Пред нешто помалку од една деценија, Македонија имаше, речиси, редовен претставник во женските големи натпреварувања во оваа гранка на ракометот, а сега е подзаборавена.

„Во 2024 година ракомет на плажа станува олимписки спорт. Нашата женска репрезентација беше четврта во 2011 година и учествуваше на сите големи настани во тоа време. Апелирам до ова раководство да стави акцент на ова, бидејќи 2024 година не е далеку, да формираме репрезентации кои ќе конкурираат во ракомет на плажа“, изјави Начевски.

Овој предлог беше добредојдено прифатен од раководството на РФМ, со ветување дека во наредните седници на управниот одбор ќе се разработи оваа тема.