Европско без Шпанија, ЛШ без шпански клубови?

Мадридскиот весник „АС“ пишува дека УЕФА со загриженост ги следи состојбите во шпанскиот фудбал и не е исклучена можноста да изрече суспензија доколку политиката се замеша во фудбалот.

Најголемата казна од УЕФА би можела да биде суспензија на шпанските клубови од европските натпреварувања како и суспензија на селекцијата на Шпанија, пишува „АС“.

Една од грижите на УЕФА е тоа што Барселона сака да ја тужи Фудбалската федерација на Шпанија поради тоа што сметаат дека се оштетени на Ел Класико. Европската куќа на фудбалот е против решавање на фудбалски работи од нефудбалско тело.

Покрај тоа на УЕФА не и се допаѓа тоа што Фудбалската федерација на Шпанија се уште нема избрано нов претседател, а поради корупциски скандали некои од кандидатите се суспендирани.

Суспендиран е и Луис Рубиалес, поранешниот претседател на федерацијата, тој е суспендиран од сите фудбалски должности поради сексистичкиот скандал во финалето на Светското првенство за жени кога во уста бакна фудбалерка на доделувањето на медали.

Ако УЕФА ја оствари суспензијата за која пишува „АС“, тоа ќе значи дека шпанските клубови нема да играат во Лигата на шампионите, Лига Европа и Конференциската лига, а Шпанија нема да настапи на Европското првенство и Лигата на нации.