Италијанците „загризаа“ за македонскиот ас: Виртус и Олимпија Милано тргнаа по Димитријевиќ

Најдобриот македонски кошаркар во моментов Ненад Димитријевиќ ќе има уште една шанса да заигра во Евролигата, првпат во својата кариера.

Италијанскиот весник Ла Република тврди дека за неговиот потпис се заинтересирани поранешните европски шампиони Виртус и Олимпија Милано кои по секоја цена сакаат да го донесат во своите редови. Ако ја прифати понудата на некој од нив, Димитријевиќ ќе им се придружи на Петар Наумоски, Владо Илиевски и Врбица Стефанов кои во својата кариера играа во италијанското првенство.

Последните две години, македонскиот репрезентативец е член на Уникс каде игра во фантастична форма и веќе освои две големи индивидуални признанија: МВП на финалната серија лани и МВП на оваа сезона. Освен тоа, триумфираше во ВТБ лигата со што го освои првиот голем трофеј во кариерата.