Алексовска в петок ќе влезе во ринг со миленичката на легендарниот Мекгрегор!

Македонската ММА шампионка, Даниела Алексовска, в петок ќе настапи на престижниот настан „Армада 13“ во Бачка Паланка (Србија), каде што ќе го има својот прв меч во полупрофесионална конкуренција и тоа против искусната ирска натпреварувачка, Ева Круз, која досега има 13 борби во категоријата до 52,2 килограми.

Настанот, кој ќе се емитува во живо на Арена Фајт каналот (21 часот), претставува значаен чекор во кариерата на Алексовска, но и историски момент за македонскиот ММА спорт. Дополнителна тежина на дуелот му дава и фактот што Круз ужива јавна поддршка од легендарниот Конор Мекгрегор, кој отворено ја промовира на социјалните мрежи.

„Горда сум што ќе ја претставувам Македонија на ова ниво. Не ме загрижува кој стои зад мојата противничка – јас знам кој стои зад мене“, изјави Алексовска.

Од ММА Федерацијата на Македонија упатија апел до јавноста за масовна поддршка на нашата шампионка, која со својот настап има шанса да го отвори патот за нови успеси на меѓународната сцена.